Полека изумира пазарот во Облешево, тезгите преполовени, народ нема

Некогаш голем број на тезги полни производи, раздвиженост, добра побарувачка и одлична заработувачка – задоволни и купувачите и продавачите, денеска преполовени и празни тезги и само повозрасни граѓани. Полека изумира и пазарот во село Облешево. Продавачите од Облешево и околните села велат нема исплатливост, нема народ за да се трошат производите, иако цените се достапни за секого. Дополнително се намалува производството оти нема кој да работи, младите не сакаат да се занимаваат со земјоделие, па останаа само повозрасните.

„Имаше и над 40 тезги, сега едвај 20. Другиот пазар и овие ќе ги нема. Нема кој да купува, гледам дека на пазарот нема домашен патлиџан. Полето е 70% пустелија веќе. Никој не сака да работи, останаа само повозрасните, младите се избегаа.“ – велат продавачите.

На ова место некогаш постоеше и сточниот пазар, денека е само празен простор кој потсеќа на едно добро време. Стока нема, а нема ниту кој да купува. Крупен и ситен добиток, се можеше да се најде на едно место на сточниот пазар во Облешево, но денеска стојат само паркираните возила.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет