
Сѐ уште не е изгаснат пожарот, кој избувна меѓу селата Митрашинци и Будинарци во беровско. Во попладневните часови од вчерашниот ден Центарот за управување со кризи извести дека истиот е ставен под контрола, но гаснењето се одвива веќе втор ден. Хеликоптер на полицијата од утринава полнел вода од импровизиран базен кај с. Будинарци, но била дадена наредба за негово приземјување поради високите температури. Гаснењето од воздух го спроведува Ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување, кој водата ја полни од езерото Мантово.
„Пожарникари од повеќе градови се на терен. Активно се гаси и од земја. Иако е под контрола, огнот сѐ уште не е целосно изгаснат. Има штета и на шумскиот фонд, но таа допрва ќе утврдува. Брзата реакција, но и тоа што станува збор за дабова шума што не гори така интензивно како борот спречија овој пожар да земе катастрофални размери како ланскиот“, вели градоначалникот на Берово, Звонко Пеќевски.
Првичните информации се дека станува збор за подметнат пожар, а според Дирекцијата за заштита и спасување, за голем број од пожарите виновен е човечки фактор. И земјоделците не можат да престанат со палењата на стрништа, па ЦУК информира дека во последните 24 часа пожарникари гаснеле стрништа во неколку општини.