Пожарникарите од Свети Николе работат во нова станица – донација од Американската амбасада

Пожарникарите од Свети Николе веќе работат во новата доброопремена противпожарна станица. Откако долго време работеа во мал приватен објект, сега, според градоначалникот Дејан Владев, имаат модерен и функционален објект. Станицата веќе е во функција, а зелено светло за нејзиното официјално отворање се чека од Американската амбасада, од каде и е донацијата.

„Досега, до пред месец дена, пожарникарите беа сместени во приватен објект. Веќе две – три недели е целосно опремена, вклучувајќи го и тоа што ние требаше да го опремиме. Веќе се вселени и функционираат во новата противпожарна станица. Беа во две мали просториички и не можеа реално да функционираат. Сега ова е веќе модерна противпожарна станица каква што ретко има“, истакна Дејан Владев, Градоначалник на Општина Свети Николе.

Во однос на опремата пожарникарите засега добро функционираат, вели Владев. На располагање се пет возила, а во следниот период се очекува набавка на уште едно ново и едно теренско возило.

„Сега сме релативно добро екипирани. Имаме пет возила коишто функционираат, од нив минатата година едно ни беше донација од Доброволно противпожарно друштво од Англија. Завршена е тендерската постапка преку Вардарскиот плански регион, во ноември очекуваме уште едно ново возило и во наредниот период планираме да набавиме едно теренско возило од сопствени средства или донација, ќе видиме како ќе завршат работите“, додава Владев.

Противпожарната станица во Свети Николе е донација од Американската амбасада во вредност од близу 460.000 долари. Пожарникарите на Општина Свети Николе, освен територијата на матичната општина, ја покриваат и општина Лозово.

Ребека Спасова М-Нет