
Подобрување на условите во Болницата е основната идеја која ќе ја води новата в.д. директорка на кочанската болница, Душанка Горгиева-Трпевски, која официјално седна во директорската фотелја. Во однос на гласините за Болницата во јавноста, кои и не се така позитивни, Горгиева-Трпевски вели дека сето тоа треба да се остави и да се тргне напред во отстранување на недостатоците.
„Официјално, еве, од вчера сум веќе в.д. директор на оваа институција. Ќе се залагам максимално да се подобрат условите. Сѐ што било пред мене за возила, некои негативни коментари, ќе ги оставиме во позадина. Од денеска па натаму работи нов тим, со докторите веќе сум во комуникација и сум сигурна дека сите недостатоци ќе ги отстраниме. Ќе бидам транспарентна“, вели Горгиева-Трпевски.
Повторно вработување на млади лекари и испраќање на доктори на специјализација се дел од активностите кои ги планира новата в.д. директорка. Посочува дека болницата располага со доста квалитетен кадар, кој треба добро да се изменаџира и со тоа да понуди подобри услови за граѓаните на Кочани и регионот.
„Можам да кажам дека во моментов болницата располага со доста добар кадар. Исто и голем дел се веќе на специјализација во Скопје. Јас и колешката сме две специјалистки по детска и превентивна стоматологија, што е доволен број. Сега во декември вработивме 11 медицински сестри, шест општи доктори, во моментов во Брзата помош работат десет доктори, имаме доктори на вакцини, доктори на систематски, имаме рендгенолог – докторка-специјализант којашто ќе се врати за кратко време, имаме хирурзи, анестезиолози, ортопед и докторка којашто специјализира ортопедија и треба да се врати. Можам да кажам дека веќе ќе одиме кон нагорна линија“, додава Горгиева-Трпевски.
Инаку, Горгиева-Трпевски е долгогодишен доктор во кочанската Болница, нешто што го смета како предност, бидејќи ги знае актуелните состојби. Посочува дека поголем број од апаратите функционираат, но додава дека сето тоа ќе се провери и ќе се работи на промена и поправка на нефункционалните средства.
„Првенствено целта ми е пациентите да добијат поквалитетен третман. Планирам низа проекти за унапредување на нашата институција којашто е неизоставен дел на човековиот фактор. Веќе неколку години работам во оваа институција и, генерално, ги знам и предностите и негативностите. Самата болница располага со доста квалитетен медицински кадар и со добро менаџирање јас сум сигурна дека ние ќе дадеме подобри услови на граѓаните“, заклучува Горгиева-Трпевски.
Новата в.д. директорка на Општа болница – Кочани е магистер по здравствен менаџмент и доктор-специјалист по детска и превентивна стоматологија. Промената на раководство на Болницата е по решение на Министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Ребека Спасова М-Нет