Поднесени претставки за напад врз новинарите во изборната кампања од Здружението на новинари

Последните инциденти за време на изборната кампања беа причина за реакција од страна на Здружението на новинари на Македонија. На денешната прес – конференција претседателот Младен Чадиковски истакна дека за време на изборната кампања до нив биле пријавени повеќе случувања во кои новинарки и новинари биле дискредитирани навредувани, на партиски митинзи или собири а тоа директно се одрази на нивната работа. Освен тоа, Здружението регистрирало и поценувачки говор на претседателот на ДИК, кој подоцна се извини, а фоторепортери и сниматели се жалеле и за односот на општинските комисии. Чадиковски побара итна реакција од МВР, ДИК и ОЈО.

„Изминативе денови и недели бевме сведоци на повеќекратни, тешки навреди, напади, вербални малтретирања, загрозување на интегритетот и безбедноста на новинарките и новинарите. Ја организираме оваа прес конференција на неколку денови пред светскиот ден против неказнивоста на нападите врз новинари затоа што чувствуваме дека изборниот процес донесе премногу емоции кои се преточија во неприфатлив однос на дел од политичките актери, учесници во изборите, кандидати, партиски експоненти и партиски активисти. Поднесени се претставки до МВР и ДИК за сите пријавени досегашни случувања. ЗНМ апелира да се реагира брзо, да се почитува работата на новинарите, но и тие како личности од страна на политичките актери, не само во процесот на предизборната кампања, туку и во иднина. “ – истакна Чадиковски.

Од ЗНМ додадоа дека креираната атмосфера е предупредувачка и мора веднаш да престане. Ги повикаа надлежните институции да изреагираат навремено, да ја расветлат ситуацијата за да нема повторување на вакви или слични ситуации.

Ребека Спасова МНет