
Победа која е бренд во македонскиот фудбал ќе продолжи со натпреварување, откако клубот преку соопштение информираше дека поради очајната финансиска состојба нема да продолжи со натпреварување.
Сепак, прилепчани веднаш се мобилизираа со цел клубот да продолжи со натпреварување. Ќе се „скрпи“ тим со млади фудбалери и фудбалери кои немаат ангажман со цел да се доигра сезоната, а со тоа прилепската фудбалска гордост да продолжи со натпреварување.
Изминатиот период во Прилеп се организираа собири со цел да се изнајде решение за ситуацијата на клубот. Победа презимува на 13. место во Втора лгиа со 11 бодови, има шест бодови негатива од бараж зоната, а како реална опција за клубот е да се стигне до баражот за опстанок, но со оглед на ситуацијата во клубот и тоа ќе биде многу тешка мисија.
Доколку Победа ја доигра сезоната и испадна во Трета лига ќе има можност за експресно враќање во Втора лига, во друг случај ако не продолжи со натпреварувања клубот ќе заврши во Општинската лига.
Радува фактот што на Градскиот стадион во Прилеп тренираат младинските категории, па со тоа има можност да се повлечат фудбалери во сениорскиот тим.
Иако клубот преку соопштение информираше дека нема да продолжи со натпреварување во Втората лига, но сепак, официјално известување не е испратено до Фудбалската федерација на Македонија, а тоа дава надеж дека сепак клубот ќе продолжи со натрпеварување.
Победа воопшто и не ги започна зимските подготовки, ниту пак не одигра пријателски натпревари, а поголем дел од поискусните фудбалери веќе имаат нови клубови. Останува да видиме како клубот ќе се организира до стартот на пролетниот дел од Втора лига кој е закажан за сабота, а Победа ќе игра на домашен терен против Новаци.
Изминатите сезони по испаѓањето на Победа од Прва лига се води тешка борба за опстанок во секоја сезона, а пред две сезони Победа играше и бараж за опстанок против Куманово со што клубот успеа да избори опстанок благодарение на талентираните и млади фудбалери кои беа златна генерација на Победа.
Александар Ванев, М-Нет