
Овој викенд започна новата сезона од Втората футсал лига на Македонија, а во рамки на воведното коло Победа со 23:4 го декласираше ланскиот прволигаш Карадаку, резултат како за ракометен натпревар.
Доминација и тотално надигрување, Победа тргна одлично кон тоа што цели во новата сезона, борба за влез во Првата футсал лига.
Штипски Мал Ајакс дома со 7:2 славеше над Кратово во меч каде штипјани беа доминантни и сосема заслужено прокнижија три бодови. Иса Дурмишов постигна хет-трик, Сердар Синанов беше двоен стрелец, еден гол беше дело на Ангел Белчовски, а пак Александар Стојановски си постигна автогол.
За екипата на Кратово стрелци беа Адријан Ефремов во првиот дел и Бобан Начковски во вториот дел од мечот кој се одигра во Штип.
ССК на домашен терен загуби од Балкан со 3:6, а во првото коло два натпревари не се одиграа. Битолски Конзули против ланскиот прволигаш Овче Поле наместо во Битола да игра како домаќин, одлучи да игра во Свети Николе, со што Конзули беше формален домаќин, а Овче Поле формален гостин, меѓутоа и во таква комбинација не се одигра мечот, бидејќи Конзули допатува со тројца играчи.
Ниту мечот во Дебар не се одигра меѓу Кораби и Партизан Југ Брвеница, откако гостинската екипа во сала се појави само со два играчи.
Колото ќе се комплетира вечерва во Струга со мечот меѓу Енхалон и СЕЕ Университи.
Александар Ванев, М-Нет