Победа Валандово есенски владетел во Истокот, Каменица Саса дише во врат – Брегалница Делчево со важна победа!

Есенската полусезона во Третата македонска фудбалска лига – Регион 3 (Исток) заврши со возбудливо 11. коло, по кое ФК Победа Валандово ја задржа лидерската позиција и ја потврди одличната форма во првиот дел од сезоната.
Валандовчани славеа минимална, но исклучително важна победа од 0:1 на гостувањето кај Хоризонт Турново и стигнаа до 23 бода, со што остануваат единствени без пораз во досегашниот тек на првенството. Победа има учинок од седум победи и две нерешени средби, а дополнителна предност е тоа што има одиграно еден натпревар помалку.

Најголемиот конкурент е Каменица Саса, која со победата од 0:2 на гостувањето кај Карбинци стигна до 22 бода и останува на само еден бод зад лидерот. Саса продолжува со одличните резултати и по десет одиграни натпревари сè уште нема пораз.
Академија Огражден Ново Село, која ова коло беше слободна, останува на третото место со 19 бода.

Интересна битка се води и за четвртата позиција. Овче Поле славеше со 1:2 на гостувањето кај Ударник и се израмни бодовно со Малеш, кој со 1:3 ја совлада Слога Виница. Двата тима имаат по 18 бода, но Овче Поле е подобро пласирано поради гол-разликата.
Важна победа забележа и Брегалница Делчево, која со 1:2 го совлада Дојранско Езеро на гостински терен. Делчевчани со овие три бода стигнаа до вкупно 10 и ја продолжуваат борбата за подобар пласман.
Во последното есенско коло беа постигнати вкупно 11 погодоци на петте одиграни натпревари.
Сепак, есенската приказна сè уште не е целосно затворена. Останува да се одигра одложениот дуел меѓу Победа Валандово и Малеш, кој е закажан за недела, 29 ноември.