По пријавените несакани ефекти, и Македонија ја одложува вакцинацијата со БСЖ – вакцината

Министерството за здравство соопшти дека се одложува имунизацијата со БСЖ – вакцината, по информациите од Хрватска за несакани ефекти. Од Министерството информираат дека станува збор за ист производител на вакцината во Хрватска, но и дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцин, во август 2022 година.

„Во однос на информациите од хрватските медиуми за несакани реакции од вакцина БСЖ, веднаш заседаваше Комисијата за имунизација во рамки на Министерството за здравство. Имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава“, соопшти Министерството.

Комисијата за имунизација донела заклучок за времено одложување на имунизацијата со оваа вакцина до добивање комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појавата на несакани реакции.

„Воедно, потенцираме дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина (во август 2022 година), која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината“, соопшти Министерството.

Од таму потенцираат дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза.

Во моментот, на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза од кои 83 се од годинава, а во Детската болница Козле во 2025 се евидентирани 15 случаи, а во 2026 се евидентирани 12 нови случаи.

Агенцијата за лекови и медицински средства на Хрватска (ХАЛМЕД) вчера објави дека во Хрватска се запира дистрибуцијата и примената на сите серии од БСЖ-вакцината против тешки форми на туберкулоза. Вакцината ја произведува компанијата „Bul Bio NCIPD Ltd.“ од Софија, Бугарија, а суспензијата се спроведува како мерка на претпазливост поради сомневања за недостатоци во квалитетот, објави Индекс.хр.

Текстот По пријавените несакани ефекти, и Македонија ја одложува вакцинацијата со БСЖ – вакцината е превземен од МАКФАКС.