
Неделава по килограм праски, минатата недела кајсии за секое дете пристигнаа и во штипските градинки. Проектот чиј носител е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се спроведува и во Источниот Регион, а со истиот децата од детските градинки добиваат свежо сезонско овошје од домашно производство. Директорката на детската градинка „Вера Циривири – Трена“, Ивана Ангеличкова, посочува дека и претходно било воведено сезонско овошје во исхраната, но со ова ќе се поттикне дечињата да ја сфатат важноста на здравата исхрана.
„Во проектот „Здрав оброк за секое дете“ вклучена е и нашата детска градинка. Согласно со Проектот којшто е започнат од МЗ, МЗШВ и МТСП, добивме календар на сезонско овошје коешто ќе ни биде доставено до градинката и секое детенце ќе добива по еден килограм сезонско овошје за консумација. Дел од овошјето ќе биде поделено за ужинки овде, а друг дел ќе си го однесат дома. Овој Проект ќе трае до средината на декември, се надевам дека редовно ќе ни го доставуваат и, нормално, ние ќе им го доделиме на дечињата“, истакна Ангеличкова.
Директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски, потенцираше дека станува збор за прва класа на овошје, строго контролирано од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство.
„Планот и концептот на Програмата е да создаваме здрави навики од најмала школска возраст со тоа што ќе обезбедиме македонско овошје откупено по прва класа од македонските земјоделци коешто ќе биде дистрибуирано во сите градинки во државата. Оваа недела почна дистрибуцијата на праската како овошје, минатата недела беше доставувано кајсија и во наредните недели продолжува дистрибуцијата на слива, круша и јаболка“, истакна Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
За оваа активност се издвоени 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми за сите 38.000 деца. Минатата година беа откупени околу 750.000 килограми домашни јаболка кои се доставија до 350 основни училишта, односно до сите 186.000 ученици.
Ребека Спасова М-Нет