По големиот дефект водата за пиење во Свети Николе се проверува, се чекаат анализите

Револтирани граѓани на Општина Свети Николе се жалат деновиве дека немаат чиста вода за пиење. По голем дефект на главната цевководна линија во Општина Свети Николе во понеделник и вторник, се утврдени микробиолошки отстапувања во водата за пиење. Градоначалникот на Општината, Дејан Владев изјави дека по санирање на дефектот биле земени брисови од водата за пиење од местото на самиот дефект, по што во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени анализите.

,,Како што знаат сите граѓани на Општина Свети Николе имаше голем дефект на главната цевководна линија во понеделникот и вторникот. Во вторникот во текот на денот е комплетно санирана и после санирањето се земени брисови од водата за пиење од местото кај што е направен дефектот и се надевам дека во текот на денешниот, евентуално утрешниот ден, оти требало 48 до 72 часа да легнат анализите и ќе бидат објавени, но можам да ги уверам и смирам граѓаните дека некои пореметување нема и дека за многу кратко време ќе добијат информација дека водата е за пиење.”, соопшти градоначалникот Владев

Градоначалникот Владев смета дека ова се тековни работи кои се случуваат за време на дефект од поголем обем и нормално е да има некои мали отстапувања. Тој додаде дека ова се случува секаде, а не само во Свети Николе.

,,Па на тој делот којшто е ван дефектот е исправна за пиење, но јас како човек сакам да ги добијам официјалните резултати за цела територија, па после ќе ги објавеме како што треба. Да не се шири паника, далеку од тоа како што ја претставуваат некои работата. Ова се нормални тековни работи кои се случуваат, да не кажам секојдневни. Нормално е за време на дефект од толкав обем, при работа да има некои мали пореметувања, но тоа не е само кај нас“, кажа градоначалникот Владев

Градоначалникот Владев уверува нема простор за паника и водата во Свети Николе е за пиење.

Ева Тушевска, М-Нет