Платформа и две нови катни гаражи ќе добие Штип, бројот на паркинг места ќе порасне за 150

Се завршува конзолата во централното градско подрачје во Штип, а се очекува деновиве да биде ставена во употреба. Со изградбата на оваа конзола ќе дојде до проширување на улиците, можност за повеќе паркинг места и побрз проток на возила. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека во наредниот период ќе бидат изградени и две паркинг позиции со што ќе се зголеми бројот на паркинг места во центарот на градот.

„Она кое што сакам да го најавам е дека во периодот кој следи Општина Штип ќе продолжи со активности во централното градско подрачје во насока на обезбедување на повеќе паркинг места и во насока на изградба на една нова сообраќајница која верувам ќе користи во намалување на сообраќајниот метеж. Две паркинг позиции на повеќе нивоа се планирани да бидат изградени, едната е веднаш позади административната зграда на Општина Штип, а другата е кај зграда Промаја“ – вели Јорданов.

Согласно проектот за работа изградбата на конзолата на река Отиња е последниот потег. Со платформата на река Отиња кој не се користи како пешачка зона, ќе се заокружи проектот за проширување на двете главни сообраќајници во Штип.

„Проектот предвидува еднонасочно движење. Ние во насока на подобрување на сосотојбата на прегледност и движење. Направивме и една сообраќајна студија којашто покажа дека еднонасочното движење доколку се почитуваат сообраќајните правила е многу побрз проток на движење. Согласно анализите се одлучи да имаме еднонасочно движењ“ – додава Јорданов.

Со изградбата на новите паркинг позиции до крајот на 2025 година во Штип на располагање треба да има нешто над 1000 паркинг места.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет