
Кочанчани продолжуваат со секојдневните протести пред фабриката за хартија „Пејпар мил“. Според нив, но и според невладините организции, кочанчани дишат загаден воздух токму заради оваа фабрика. Со цел да се зачува чиста животната средина, но и да се дише чист воздух, граѓаните во Кочани секој ден по два часа протестираат пред фабриката, а за во сабота е закажан голем протест со почеток во 12 часот. Но до крајот на март од фабриката известија дека целосно го прекинуваат продизводството заради реконструкција на инсталациите за енергетска ефикасност. Неработењето на оваа фабрика изгледа веднаш вроди со плод, па од здружението „Одбор за здрав живот“ – Кочани посочија дека воздухот веднаш е почист, а Кочани е во зелено. Во меѓувреме, Граѓанскиот одбор за заштита за животната средина покрена судски спор пред неколку години, но не се задоволни од ажурноста на Јавното обвинителство.
„Иницијативниот одбор на група граѓани кои сакаат конечно да се реши проблемот со загадувањето од „Пејпер мил“ поднесовме постапка до Јавното обвинителство заради затајување на случајот со претходната претставка поднесена до истото Јавно обвинителство, која, пак, Вишото јавно обвинителство ја врати на повторно разгледување. Моментално бидејќи ОЈО не постапува, ние сакаме да ја забрзаме постапката“, вели Александар Симеонов, граѓански активист.
Кочанчани очекуваат во најбрз можен рок овој случај да добие правна завршница. Инаку, во јуни минатата година беше инсталиран специјален филтер во фабричкиот оџак за да се намали аерозагадувањето, но и покрај тоа, загаденоста на воздухот во Кочани има високи вредности. Оваа година Пејпер мил ќе вложи еден милион и 800 илјади евра во пречистителна станица за отпадните води од фабриката.
Лаура Стојанова М-Нет