Моменталниот застој на ПЕТ скенот е поради дефект и се работи на негово решавање. Проблемот произлегува од долгогодишно занемарување на апаратот, велат од Министерството за здравство на наводите изнесени од Левица во врска со состојбата на ПЕТ/КТ скенерот.
„Согласно официјалните информации од Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија (УИ ПЕТ), моменталниот застој е предизвикан од технички проблем во производството на радиоизотопи, поврзан со циклотронот. Овластениот сервисер интензивно работи на отстранувањето на дефектот, а преземени се сите неопходни чекори апаратот повторно да биде ставен во функција во најкраток можен рок“, велат од Министерството.
Додаваат дека мора да се укаже дека проблемот произлегува од долгогодишно занемарување – во изминатите години не бил доследно следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, вклучувајќи нејзино редовно чистење и замена на маслото на секои пет години.
„Оваа состојба е последица на системски пропусти акумулирани низ подолг период, за што актуелното раководство веднаш по констатираната сосотојба презема мерки за надминување на проблемот. За разлика од претходната пракса на занемарување, ова раководство презема конкретни и континуирани чекори за трајно надминување на проблемот – вклучувајќи активности насочени кон набавка на нова опрема, со цел здравствениот систем повеќе да не зависи од еден единствен апарат“, велат од Министерството.
Велат дека се свесни за тежината на состојбата за пациентите со онколошки заболувања, поради што Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија се веќе информирани за понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел лекувањето да не трпи прекин.
фото/Depositphotos/илустрација
Текстот ПЕТ скенот е во дефект, во изминативе години не бил одржуван, велат од Министерството за здравство е превземен од МАКФАКС.