
Штипскиот женски кошаркарски клуб „Тим Арена“ вчера го одбележа својот петти роденден. На организираниот настан во салата на ООУ „Димитар Влахов“ роденденот го одбележаа сегашните и претходните членови на клубот, како и повеќе помагатели, а присутен беше и градоначалникот на Општина Штип. Тренерот на Клубот, Маја Ашкилова, вели дека во изминативе пет години имаат низа успеси.
„Во 2021/2022 бевме второ место во категорија младинци до 16 години, петто место во категорија младинци до 14 години и петто место во Прва Б лига. Во 2022/2023 година бевме второ место во младинска категорија до 14 години и четврто место во младинска категорија до 18 години“, вели Ашкилова.
Со основањето на Женскиот кошаркарски клуб „Тим Арена“ Штип ги има и првите репрезентативки. Три членки од Клубот се дел од македонската репрезентација. Желбите за следниот јубилеј, десеттиот роденден на ЖКК „Тим Арена“ се да бидат дел од Првата лига, а се надеваат дека ќе бидат дел и од врвот на Првата женска кошаркарска лига на Македонија.
„За првпат во историјата на женската кошарка од 2021/2022 ги има првите репрезентативки на Штип. Тоа се Ива Дојчинова, Ана Иветиќ и Ива Колева кои и ден-денес се дел од македонската репрезентација“
ЖКК „Тим Арена“ се формираше во 2019 година. Ашкилова е претседателка на Клубот уште од самиот почеток, а главен спонзор и практично основач на Клубот е Марија Гогова, која потекнува од кошаркарско семејство.
Ребека Спасова М-Нет