
Битолскиот прволигаш Пелистер за 1. јули ги закажа подготовките за новата сезона, откако битолчани лани завршија на второто место во Втората лига и се изборија за враќање во фудбалската елита на Македонија.
Стартот на подготовките ќе се случи во понеделник со првиот тренинг кој е закажан за во 17 часот на Градскиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола.
Од клубот посочуваат дека се работи на формирање на ростерот за новата сезона, за што ќе информираат навремено.
„Клубот напорно работи за формирање на ростерот и наскоро ќе ги официјализира фудбалерите кои ќе дојдат во клубот и оние кои настапуваа минатата сезона и ќе продолжат да го носат нашиот дрес. Клупската управа, во координација со стручниот штаб, го користат овој долг преоден период кој ни претстои за дефинирање на екипата на мирен начин со правилни потези и паралелно со можностите што ги има клубот. Спортскиот сектор заедно со стручниот штаб работат напорно околу засилувањата каде што мислат дека имаме потреба за истите, затоа не сакаме да се шпелкулира со имиња и друг тип на информации и новитети додека трансферите и новитетите не бидат официјално објавени од нас“, се вели во соопштението од битолскиот прволигаш Пелистер.
Пелистер во сезона 2021/2022 испадна од Првата лига како последнопласиран со 14 бодови, а по две сезони во Втората лига, битолчани се вратија во Првата лига.
Александар Ванев, М-Нет