Патишта и улици, спортски терени и игралишта во општина Карбинци со Буџет од 144 милиони денари

Со буџет од 144 милиони денари, од кои основен во висина од 70 милиони денари Општина Карбинци во 2024 година ќе асфалтира улици, ќе реконструира и гради спортски терени и детски игралишта. Годишниот буџет за тековната година е најголем досега, за 15 – 20% повисок од мината година. Градоначалникот, Виктор Паунов, вели дека ова се должи на добрата реализација на проектите од минатата година, зашто се реализирани над 90% од капиталните проекти.

„Основен буџет којшто најголем процент е во делот на капиталните инвестиции, речиси 50% од основниот буџет ќе бидат пари насочени кон граѓаните, кон инвестиции коишто ќе значат подобрување на квалитетот на живот во секој сегмент, од инфраструктура, па до спортски терени, многу проекти коишто ќе значат, навистина, подобрување во секојдневието на граѓаните на општина Карбинци. Буџетот е креиран развоен, креиран од страна на повеќе институции, организации, граѓаните преку различни форумски сесии, состаноци, вклучени се проблемите на граѓаните и согласно насоките во кој правец треба да се движи општината“, истакна Паунов.

Во буџетот за оваа година се вклучени и решенијата и идеите на граѓаните за секојдневните проблеми. Во прв план се комуналните проблеми, кои граѓаните ги посочиле на состаноците и форумските сесии за креирање на буџетот.

„Преку тие форумски сесии исцрпивме проблеми коишто граѓаните ги чувствуваат на дневна основа. Пред сѐ се однесуваат во делот на комуналната инфраструктура, проблемите што се од комунална природа, како собирањето на смет, депониите веќе се расчистени, имаме еден проблем решен во тој дел, не постои ниту една дива депонија во Карбинци, треба да поработиме во делот на изѓубрувањето од страна на ЈП „Плачковица“ и во таа насока се движат идеите“, додава Паунов.

Буџетот на Општина Карбинци минатата година беше во висина од околу 138 милиони денари, а вклучуваше пред сѐ проекти од областа на патната инфраструктура, спортот и спортската инфрастурктура, подобрување на образованието и образовните објекти. Минатата година најмногу тежеше беше ставката за улици и патишта, околу 37 милиони денари.

Ребека Спасова М-Нет