,,Панчо, пренеси им на нашите ангели, засекогаш ќе останат во нашите срца “ – порака од родителите на починатите

Панчо, пренеси им поздрав и порака на нашите ангели, засекогаш ќе останат во нашите срца, истакнаа денес родителите на починатите од кочанската дискотека Пулс на социјалните мрежи, по смртта на Владимир Блажев-Панчо од ДНК. И понатаму тие истакна дека ќе ја бараат правдата за сите 63 животи, заедно со Панчо, но и за сите родителите кои секојдневно тагуваат и ронат солзи за своите деца. Изразувајќи сочувство до семјеството на Блажев, тие и денес длабоко ја почувствуваа болката на неговото семјество, бидејќи како што велат во порака, ја почувствувале најголемата болка од кога ги изгубиле децата.

,,Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Владимир Блажев Панчо, Бог да Ви дава сила. Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – Владимир Блажев, Панчо. Како родители кои ја почувствувавме најголемата болка од губење на нашите деца, ја знаеме бездната на тага што останува зад себе. Вашата болка е наша болка. Вашата загуба е наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза, секој нем збор, секој празен момент што го остава оваа трагедија

Ова не е само број – ова е живот одземен, живот што носеше радост и надеж. Колку уште срца ќе бидат скршени, директно или индиректно? Колку уште семејства ќе бидат погодени од оваа ужасна трагедија? Правдата мора да се извојува! За Панчо, за секоја жртва, за секој млад живот што беше одземен, за секој родител што плаче.

Почивај во мир, Панчо Нека ти е светол патот до Царството Небесно

Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели дека засекогаш ќе останат во нашите срца. А ние нема да молчиме – правдата мора да дојде!!!“, велат родителите

Инаку, на кобниот 16 март 2025 година Панчо се здоби со сериозни повреди изгореници и беше пренесен во Клиничкиот центар во Скопје.

Иван Митев, М-Нет