Павел Иванов: Ќе изградиме нова станбена зграда за 240 млади брачни парови во Штип

Нова станбена зграда за 240 млади парови ветува кандидатот за градоначалник во Штип од редовите на СДСМ, Павел Иванов. На денешната прес конференција, посочи дека дел од капиталните проекти е помош на младите брачни парови за да можат да имаат свое живеалиште во Штип.

„Градиме нова станбена населба за 240 млади парови. Ова беше едно од главните барања на секој млад брачен пар кој се соочува со една од најголемите животни пречки, тоа е обезбедувањето на сопствен дом. Цените на становите по метар квадратен се енормно високи и вештачки набилдани што го прави речиси невозможно остварувањето на нивната најголема желба – свој топол дом. “ – вели Иванов.

Со овој проект се нуди поттик младите да останат да ја градат својата иднина во Штип. Преку неколку модели се нуди помош и поддршка за младите брачни парови.

„Преку неколку модели обезбедуваме достапно домување, субвенционирана кирија или каматна стапка за станбен кредит, доделување општински парцели за изградба или јавно приватно партнерство. Преку овој проект директно даваме поттик за младите да останат, да формираат семејства и да ја градат својата иднина во Штип.“ – вели Иванов.

Ова е еден од проектите кои се дел од предизборната кампања на СДСМ Штип.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет