
Ликовната академија при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ го отвори графичкото ателје, кое е донација од сопругата на уметникот-графичар Ѓорѓи Чулаковски – Ѓото. Донацијата содржи графичка пр5еса, графички материјал, како и дел од личната збирка на Чулаковски, а е во полза на Ликовната академија. На студентите ќе им се овозможи една едукативна програма, вели деканот, Петар Намичев, а со тоа ќе биде продолжена и учителската мисија на уметникот.
„Просторот е адаптиран за изработка на вакви графички дела, значим сѐ она што нашиот графички уметник во текот на неговиот живот го има остварено како едно творештво се наоѓа во целиот овој простор. Тоа е еден афирмиран уметник којшто работеше во осумдесетите години и почеток на 20. век со изложби направени секаде по светот. На тој начин и Универзитетот ќе добие една можност во овие простори да понуди една друга едукативна програма којашто ја има само на неколку места во нашата држава“, вели Петар Намичев, декан на Ликовната академија.
На отворањето присуствуваше и сопругата Чулаковска, која го искажа своето задоволство од ваквата соработка со градот во кој живеел нејзиниот сопруг.
„Мојот покоен сопруг ме донесе тука во овој град каде што тој живееше со поезија, со рецитали, со театри, а јас бев воодушевена, така што во идна прилика деведесетите или 2000 година дојдов повторно и видов што се случува со градот. Дојдов до идеја да се донира пресата и графиките на мојот покоен сопруг благодарение на Јасмина Намичева, која цело време ме поткрепуваше и беше иницијатор за сето ова и драго ми е што сум пак во Штип“, вели Верица Чулаковска, сопруга на уметникот Чулаковски.
Чулаковски зад себе остави богато творештво, за коешто добил голем број меѓународни награди. Автор е на 20 самостојни и над 100 колективни изложби.
Ребека Спасова М-Нет