
Викендот се затвара есенската полусезона во Втората македонска фудбалска лига со мечевите од 13. коло. Можност за промени на табелата, уште три бода до затварање на есенската етапа. Трката за влез во Прва лига веќе се сведува на три екипи, а пак во долниот дел за опстанок ќе се борат неколку екипи. Шкупи е речиси испаднат, најмногу загрозен е Еуромилк.
Како изгледа табелата пред почетокот на последното есенско коло?
Охрид е лидер со 31 бод и во последното коло во Кочани оди по триумф над Осогово со што „рибарите“ би имале 34 бодови и ќе бидат есенски шампион. Пелистер е втор со 28 бодови, но на зимската пауза може да замине како трет, бидејќи Работнички кој сега е трет со 27 бодови има одложен меч.
Овие три екипи веќе се одвоија во трката за местата кон Прва лига. Камјани е четврти со 20 бодови, а пак Брера Струмица е петта со 18 бодови. Последна шанса за Брера да фати приклучок барем за третото место ќе биде одложениот меч со Работнички.
Ако „романтичарите“ го добијат Детонит Плачковица во Радовиш и Брера тогаш би имале 33 бодови, два повеќе од Пелистер кој во тој случај би бил трет.
Кожуф веќе е сигурен на средината од табелата, тимот од Гевгелија на последни пет средби има три ремија и две победи и резултатски се стабилизираше и исплива во горниот дел од табелата со 17 бодови. Тетекс и Беласица го делат осмото место со по 16 бодови. Сигурно делува и Македонија ЃП како деветта со 15 бодови и во последното коло ќе гостува во Гевгелија кај Кожуф, каде ако „лавовите“ забележат триумф тогаш веќе трката за опстанок ќе се сведе на пет екипи.
Детонит Плачковица по поразот во претходното коло од „лавовите“ во Ѓорче си ги закомплицира работите и со 12 бодови го држe десеттото место на табелата. Место подолу со бод помалку е Новаци, додека пак во опасната зона Осогово е на 12. место со десет бодови, претпоследен е тимот на Еуромилк ГЛ со седум бодови, а на самото дно е Шкупи без бодови.
Ланскиот прволигаш Шкупи е речиси веќе испаднат во Трета лига, најмногу загрозен е и Еуромилк ГЛ, Осогово со победата над Брера и Шкупи го фати последниот „воз“ за опстанок.
Ако Осогово во последното коло го доби лидерот Охрид, да го повтори успехот од минатата сезона кога „жетварите“ триумфираа над „рибарите“, а притоа Детонит Плачковица загуби од Работнички, без разлика на исходот што е за очекување Новаци да го добие Шкупи, тогаш Осогово ќе биде во најлош случај на 11. место и за првпат ќе ја напушти опасната зона, Новаци ако го добие Шкупи ќе биде на десеттото место со 14 бодови, а со пораз на радовишани тогаш Детонит Плачковица ќе биде во опасната зона како 12-ти со 12 бодови.
Многу комбинации и борба за бодови во последното есенско коло кое ќе биде пресудно, кој тим од која позиција ќе стартува во пролетниот дел.
Александар Ванев, М-Нет