Опозицијата на протест, Демократски сили на Ромите со 25 автобуси, но власта не попушта

Опозициската коалиција денеска со почеток од 20 часот ќе одржи протест пред владиното седиште. Со ова уште еднаш ќе се апелира на одржување на предвремени парламентарни избори наесен, иако ставот на владејачкото мнозинство е дека изборите ќе бидат во редовниот термин во 2024 година.

Од опозициската коалиција дека ќе поддржат протестот истакнаа и од партијата Демократски сили на Ромите, од каде претседателот Шабан Салиу рече дека на протестот ќе учествуваат со 25 автобуси.

„Сметаме дека единствено решение се предвремените парламентарни избори. Како политичка партија ги поддржуваме протестите, нашата паритја ќе учествува со 25 автобуси“, вели Салиу.

Инаку, во повикот на ВМРО – ДПМНЕ се вели дека станува протест за промени, којшто ќе биде достоинствен, масовен и мирен, под мотото „Премногу е“.

Од владејачката СДСМ, пак, порачуваат дека Мицкоски одработува за туѓи интереси и има очигледна антидржавна агенда.

„Секогаш кога државата се наоѓа во деликатни состојби и важни процеси, Христијан Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ прават сѐ за дополнително да ја отежнат позицијата на државата. Со таквото однесување станува јасно дека Мицкоски одработува за туѓи интереси.“ – се вели во соопштението на СДСМ пред денешниот протест.

Од власта за утре најавија и средба на коалициските партнери, на која премиерот Ковачевски рече дека ќе се реафирмира ставот за одржување редовни избори во 2024 година заедно со претседателските. Според Ковачевски, тоа ќе биде средба на која граѓаните ќе се уверат дека има Влада која се грижи за животниот стандард на граѓаните и обезбедување на сѐ она што треба една влада да го обезбеди во услови на најголема криза.

Ребека Спасова М-Нет