
СДСМ како одговорна партија продолжува со вистинската грижа за пензионерите, истакна Претседателот на ОО СДСМ Штип, Јане Миланов. Партиското членство на општинската организација оствари средба со пензионерите од Штип, од каде Миланов рече дека СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство презема конкретни и ефикасни мерки.
„Новите измени во Законот овозможуваат усогласување на пензиите двапати во годината, во месец септември и март при што истото ќе се врши како збир од 50% покачување на трошоците на живот и 50% од зголемувањето на просечната плата согласно со податоците од Државниот завод за статистика. На овој начин, веќе во септември околу 330.000 пензионери ќе добијат историски најголемо покачување коешто во просек ќе биде околу 900 денари. Дополнитено, во согласност со антикризните мерки секој пензионер за месеците април, мај и јуни ќе добие по 1.000 денари на својата пензија, со што дополнително се прават напори да се подобри ситуацијата во поглед на животниот стандард“, истакна претседателот.
Според Миланов, ова е највисоко зголемување на пензиите и покрај постојниот раст во изминативе четири години. Сепак, пензиите нема да бидат единствена тема на разговор, па како што вели, партијата ќе продолжи со помош за време на кризата.
„СДСМ секогаш останува на определба со вистински мерки да води сметка за сите категории граѓани, особено во услови на ваква светска економска и енергетска криза, така што и во рамки на тоа се овие мерки коишто се во насока на подобрување на стандардот и спречување на нови ценовни шокови“, додаде Миланов.
Ова беше прва во низата средби со граѓани, односно со пензионерите, кои ќе се случуваат на иницијатива на партијата или на Здружението на пензионери со цел да се разменат нивните мислења и потреби.
Ребека Спасова М-Нет