
Околу 40 студенти од швајцарскиот Универзитет во Луцерн ќе им помогнат на стартап компании, мали и средни претпријатија од Источниот Регион да го развијат својот бизнис. Станува збор за девет компании кои ќе добијат бесплатна менторска поддршка од експерти од Швајцарија, организирани во неколку групи.
„Ќе им помогнат практично да изградат солидни бизнис планови, да ги подобрат своите технолошки процеси, да овозможат подобрување на нивните капацитети за претставување на странски пазари и да ги подобрат своите производи. Мислам дека тоа е голем бенефит, не само за самите компании, туку и за старт-ап заедницата од целиот регион“, истакна Сашо Коцевски, декан на Факултетот за информатика.
Првичното планирање започнало во ноември месец минатата година, а во јануари се поставени целите за соработката. Студентите и компаниите интензивно работат од средината на месец март.
„Во текот на ова недела драго ми е што имаме можност и лично да се видиме и запознаеме со компаниите имајќи предвид дека студентите се веќе прилично навлезени во нивната работа и до крајот на неделата очекуваме веќе да ги презентираме резултатите и да ги испланираме идните чекори“, истакна Рене Зеир, професор на Универзитетот за применети науки и уметности во Луцерн.
За компаниите ова е одлична можност на патот во нивниот развој. Проектот го гледаат како извор на нови знаења со цел подобрување на постоечката работа.
„Тимот со којшто ние соработуваме се тим-студенти на магистерски студии по бизнис логистика, така што тие ќе ни помогнат во делот на доразвивање на нашата бизнис идеја, исто така во делот на маркетингот за да можеме подобро да се рекламираме, да ги придобиеме нашите клиенти и како да функционираме на долг рок за да бидеме самоодржливи“, вели АнаМарија Павлова од „Камп – градинка на отворено“.

Проектот е со поддршка од швајцарската Амбасада, а е во насока на унапредување и развој на бизнис сферата од градот. Ваквите придобивки ги потврдуваат швајцарската амбасадорка, Вероник Улман, ректорот на УГД, Дејан Мираковски, и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
„Ова е еден несекојдневен настан на којшто УГД има воспоставено соработка со Универзитетот во Швајцарија и го опишува, односно е потврда за начинот на којшто Швајцарија сака да соработува, а тоа е поврзување на институциите“, истакна амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман.
„Како можеме сите заедно, и нашите студенти и нашите професори, заедно со поддршка од поискусните универзитети во Европа да направиме средина во која ќе напредуваат и целокупното опкружување од бизнис сферата ќе се развива“, вели Дејан Мираковски, ректор на УГД.
„Да ги мотивираме и стимулираме младите луѓе да се стекнат со соодветно знаење, да останат овде, да отворат свој бизнис, своја компанија, да ја искористат својата сопственост и потенцијал за генерирање производ или услуга коишто подобро ќе ги пласираат на глобалниот пазар“, истакна Иван Јорданов, Градоначалник на Општина Штип.
Настанот денеска се одржа на Правниот факултет на УГД, по слична соработка која швајцарскиот Универзитет ја имал со УКИМ.
Ребека Спасова М-Нет