
Одржана работилница како дел од програмата за одбележување на неделата на стари лица. Претставници од ОО Црвен крст Штип, лекар и социјален работник од Општина Штип преку интерактивен настан ги запознаа со нивните права и обвски. Но ги мапираа и потребите односно проблемите на оваа група наши сограѓани.
„Тие добија информации за своите права, од кои што дел веќе ги познаваа. Меѓутоа, секогаш, ваквите интерактивни работилници нудат можност да се научи нешто повеќе и на самите маргини на оваа работилница тие ги искажаа своите потреби како лица во трето доба, што најмногу им е потребно и што се од своите права користат“, рече Викторија Милановска од ОО Црвен крст Штип.
Во однос на здравствената заштита, лицата од трето доба беа запознаени со здравите практики и навики кои се во полза на нивна виталност и одржување.
„Од здравствен аспект истите беа запознаени со своите права на секундарна и терцијарна заштита. Беше одржано едно мало предавање за здравите навики на живот, за активно стареење и здрава исхрана, многу внес на минерали и витамини, повеќе течности, особено вода“, истакна д-р Натали Јованова од Институтот за трансфузиона медицина.
Во однос на социјалната заштита, пак, посочена беше потребата од помош и поддршка при извршувањето на секојдневните активности.
„Една од приоритетите, односно препораките на старите лица беше да се развијат неколку типови на социјални услуги и тоа услуги во домот, услугата помош и нега во домот, како и потреба од лични асистенти и отворање на центри за активно стареење“, напомена Вања Џамбазова Николовска, соработник за социјална, детска и здравствена заштита.
Настанот се одржа во салата на Советот на Општина Штип, а целта беше да се унапредат досегашните социјални услуги, како и да се имплементираат нови со цел олеснување на животот кај лицата од трето доба.
Ребека Спасова МНет