
Милуваат сознанијата и вистината за наши млади кои ја разбиваат спортската монотонија и будат невидени страсти далеку од родните огништа. Родени и задоени со балканскиот пркос некои нови дечки воодушевуваат со својот раскош, талент и невидена жар да успеат во она што сами си го замислиле. Мишел Поп – Андонов роден на 10 јули 2007 година во Штип ( висок 186 см.), за да од својата петта година започнува со „баскет – бол“играта која толку ја милувал. Неговиот татко Маријан решава со семејството да се пресели во Норвешка во градот Вестби (30 км. далеку од Осло) и таму Мишел од 2016 година започнува да тренира и игра ракомет. Ова е уште една вистинска легенда за приказната дека „крушката под крушка паѓа“ или по нашки, неговиот легендарен дедо Андон Поп – Андонов – Ноно беше ракометниот метеор кој блескаше ширум Македонија, некогашна Југославија па и подалеку по Европа. „Бум Ноно, Бум гол“ беше незаборавениот излив на радост на навивачите по секој постигнат гол на Ноно, нешто кое сега го надополонува, усовршува и го дига во височини младиот Мишел Поп – Андонов. Настапува за тимот на Vestby handball klub – VHK во синиот дрес за него резервиран со број 17, иако колекција на дресови е во приличен број со кои како најдобар играч „навезел“еден куп награди, трофеи и медали.Во неговата кариера се редат летните школи Елверум 2017, 2018, 2019, 2020 а сега е на листата и за 2022 година., потоа Кент Тонесен и Ивано Баљич школата во Лилестрем, Балкан Ски школата што се доволен показател за трасираниот ракометен пат на Мишел. Тренер на Мишел во последните две години му е Џон Лара (воедно и судија), настапуваат во Регионалната лига за машки до 14 години која е под Норвешкиот сојуз за Ракомет – NHF. Паралелно со ракометните настапи , Мишел Поп – Андонов заврши курс за судење и има право да суди на деца до 11 години. Голгетерските особини на Мишел ги осетија неговите противнички екипи во последните три кола постигнувајќи на едниот 8 голови а на преостанатите два меча постигна дури по 10 голови со што неговите нишански справи беа сто насто подесени. Засега нема покана за настап во некоја од младите македонски селекции, но дека добриот глас надалеку се слуша ,ќе важи и за норвешката сага за Мишел Поп – Андонов која плени, воодушевува и ги полни раkометните срца на сите македонци. Спортската редакција на Мнет ТВ будно ја следи кариерата на младиот Мишел Поп – Андонов, му ја посакуваме сета среќа и со надеж да продолжи да го трасира успешниот ракометен пат во националниот дрес на една од македонските селекции на големите меѓународни натпревари.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk