
Фудбалската федерација ги делегираше официјалните лица за првите натпревари од полуфиналето во Купот на Македонија, кои ќе се одиграат на 22 април.
Во Охрид, на СРЦ „Билјанини извори“ од 12:00 часот, ГФК Охрид Лихнидос ќе го пречека Силекс, а правдата ќе ја дели Доне Ристовски од Гевгелија. Негови помошници ќе бидат Тоше Ицев и Дарко Јовчевски, додека четврти судија е Пларент Салихи. За ВАР системот ќе бидат задолжени Александар Урошевиќ и Мартин Дејаноски.
Вториот полуфинален дуел се игра во Тетово, каде Шкендија АД од 14:00 часот ќе се соочи со Шкендија Арачиново 77. Главен судија на овој натпревар е Бењамин Ќерими од Скопје, со асистенција на Гоце Петрески и Вјолца Изеири, додека четврти судија е Марјан Дејаноски. ВАР тимот го сочинуваат Влатко Илиоски и Борис Трајков.
Реванш средбите од полуфиналето се закажани за шести следниот месец, кога ќе бидат познати и финалистите во најмасовното натпреварување во македонскиот фудбал.