Одбојкарите на Штип УГД сакаат двојна круна: Во четврток се игра мечот против Универзитет Тетово во Штип, ќе има прослава и на Куп титулата!

ФОТО: М Нет телевизија

Штип УГД испиша нова историја со тоа што ја одбрани Куп титулата, но одбојкарскиот клуб сака двојна круна односно освојување и на титулата во првенството.

Веќе во четврток започнува тој поход против Универзитет Тетово, а првиот меч се игра во Штип во спортската сала „Јордан Мијалков“ од 19 часот, а публиката ќе има можност да ја прослави и Куп титулата која беше освоена овој викенд на Куп завршницата во Радовиш.

„Во четврток од 19 часот го играме првиот полуфинале натпревар против Универзитет Тетово, во оваа прилика ја повикам цело штипска јавност, нашите поддржувачи заедно да ја прославиме Куп титулата пред и за време на тој натпревар. Комплетното полуфинале со Универзитет Тетово не одиме со некои голем тактизираање, за нас само размислување е само победата, така што фокусираме сме на финалето со Струмица“, рече тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески за М Нет

Подготовките за полуфиналниот натпревар со Универзитет Тетово веќе течат, а атмосферата помеѓу играчите на тренинг и во соблекувална е на високо ниво.

„Расположението е позитивно сме се расположени мотивирани за новиот предизвик што ни следува, сите го очекуваат со нетрпение и почнуваме во четврток во 19 часот во салата „Јордан Мијалков“. Се надевам дека ќе го искористиме тоа за да имаме повеќе времето за пред финалето“, рече Стојанов за М Нет.

Повеќе од јасно е дека Штип УГД лесно ќе го помине полуфиналето со Универзитет Тетово и ќе гледаме реприза на финалето и од минатата сезона и во првенството каде Штип УГД ќе се соочи со бранителот Струмица.

Штипјани сакаат двојна круна односно освојување и на титулата во првенството откако претходно ја освоија по вторпат Куп титулата, а пак Струмица сака одбрана на титулата во првенството со цел да има успешна сезона.

Александар Ванев, М-Нет