
Дефинитивно одбојкарскиот клуб Штип УГД ги има најдобрите резултати во последните сезони во колективните спортови во Штип.
Момците на Кристиан Ристески забележаа уште една голема победа и во македонската одбојка делуваат како да немаат конкуренција, овој пат штипјани со 3-0 во сетови лесно го совладаа Работнички, а како по традиција навивачите и публиката во салата „Јордан Мијалков“ се израдува на уште една голема победа.
Во сите три сета скопскиот тим немаше капацитет да парира, а Штип УГД уште еднаш ја покажа неверојатната форма во која игра и повеќе од заслужено ќе биде да ја освои двојната круна. Во првиот сет тимот на Ристески славеше со 25:13, во вториот со 25:10, а во третиот сет со 25:15.
Штипјани оваа сезона дебитираа и на европската сцена, а две сезони во низа го освојуваат Куп на Македонија, а оваа сезона ќе целат кон одбрана на Куп титулата и освојување на шампионската титула.
Штип УГД е првиот тим кој во градот под Исарот донесе Куп титула во колективните спортови, а сега е на добар пат и речиси сигурно оди да ја донесе и шампионската титула, па во витрините на Штип УГД да има три Куп титули и една шампионска титула.
Ваквите резултати дефинитивно ја стават одбојката спорт број еден по резултатски успеси, континуиран напредок и развој во Штип.
Со добивањето на спортскиот центар „Џексон“, Штип УГД ќе добие сака каде ќе може да игра и европски мечеви и во уште подобар амбиент со побројна публика да ги решава мечевите со конкурентите, а ова е почеток на доминацијата на штипјани во македонската одбојка, нешто што траеше со години од страна на струмичани.
Во однос на останатите два натпревари од осмото коло на плеј-офот на Првата одбојкарска лига, тимот на Сушево во меч со пет сета го урна актуелниот шампион Струмица со 3-2 во сетови. Шампионот имаше предност од 0-2 во сетови откако ги доби со 22:25 и 18:25, но потоа многу работи се променија на теренот.
Третиот и четвртиот сет ги доби Сушево со 25:16 и 25:20, па се решаваше во петтиот сет, а во кој резултатот беше 15:12 за домаќинот, а за пораз на шампионот.
Универзитет во Тетово со 1-3 во сетови загуби од Борец, резултатот низ сетови беше 14:25, потоа 27:25 за 1-1 во сетови, 17:25 и 16:25 за триумф на велешани.
Во плеј-аутот имаше две максимални домашни победи и едн гостинска победа.
Екипата на Скопје со 3-0 во сетови го доби тимот на Весна Пробиштип, а Лирија ја доби Македонија Џио, а пак Шкендија во гости славеше над Јанта Волеј.
Александар Ванев, М-Нет