
Шампионот Струмица е на чекор до одбрана на титулата во Првата машка одбојкарска лига, откако во струмичката сала „Парк“ со 3:2 во сетови го доби Штип УГД.
Струмичани првиот сет го добија со 25:11, а пак потоа штипјани израмнија на 1:1 во сетови откако вториот сет го добија со 19:25. Третиот сет заврши со 25:22 за 2-1 во сетови за Струмица, а потоа Штип УГД одигра одличен сет и со 13:25 израмни на 2-2 во сетови.
Во петиот сет беше навистина неизвесно поен за поен, со менување на водството и на двете страни, а на крај Струмица сетот го доби со 15:13 за триумф од 3-2 во сетови.
Сега Струмица има предност од 2:0 во финалната серија и со тоа шампионот е на чекор до одбрана на титулата.
Кај Струмица најдобар беше Кинтеро со 17 поени, Нилсен имаше 16 и Милев дојде до 13 поени, додека кај Штип УГД се истакна Задмард со 18 поени, Багаев имаше 16, додека Гомез реализираше 15 поени.
Третиот натпревар од финалната серија е закажан за 1 мај, во 19 часот, во салата „Јордан Мијалков“ во Штип.
Александар Ванев, М-Нет