Одбојкарите на Штип УГД го „збришаа“ Вардар во СЦ „Јордан Мијалков“ во Штип, висока победа и за шампионот Струмица!

Одбојкарите на Штип УГД запишаа висока и убедлива победа од 3:0 во сетови над Вардар, во рамки на 6. коло од Првата македонска одбојкарска лига. Во спортската сала „Јордан Мијалков“ штипјани прикажаа доминантна и убедлива игра.

Првиот сет заврши со убедливи 25:13, а пак во вториот сет штипјани го декласираа Вардар со 25:10, а третиот сет заврши со 25:15.

Со овој триумф штипјани брзо се рехабилитираа и се вратија на победничките патеки по поразот од шампионот Струмица на домашен терен.

Интересно е што 6. коло од македонскиот одбојкарски шампионат не донесе ниту една гостинска победа. Универзитет Тетово со 3:0 во сетови беше пресилен за Сушево, шампионот Струмица лесно ја декласираше Весна Пробиштип исто така со 3:0 во сетови, Лирија со 3:1 го доби мечот со Скопје, додека пак Работнички со 3:0 во сетови славеше над Македонија Џио.

Колото ќе се комплетира вечерва Јанта Волеј ќе игра против Борец, во меч каде гостинот од Велес е фаворит против „фенерџијата“ кој е без бодови, па со тоа може да ја очекуваме оваа единствена гостинска победа.

Александар Ванев, М-Нет