Едночасовен свечен настан по повод 8 Септември беше одржан во Црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во Штип. Преку истиот се одбележаа два јубилеја, едниот – 30 годишнина од независноста на Македонија, другиот – 72 годишнина од крајот на Граѓанската војна во Грција. Настанот започна со свечената химна, а истиот беше одбележан со читање поезија и обраќања.
„Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ во својата програма, во своите цели ги манифестира сите активности кои се во програмата. Многу сум задоволен и пресреќен. Да си роден во Грција, да живееш тука, да бидеш прогонуван, ама не се даваме… “, рече при своето обраќање претседателот на Здружението на Македоците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“, Стојан Димков.
На настанот за важноста од овогодинешното одбележување зборуваше Весна Кожинкова, која истовремено, информативно ги опиша настаните кои се случиле во текот на минатиот век, за сега истите да бидат важен бисер од ѓерданот на македонската историја.
„Во не многу далечната 1991 година се означува отворањето на страниците на нашата светла историја – денот на независна и самостојна Македонија, денот кој беше вековен сон на сиот македонски народ, особено на македонските великани во чии раце постојано се вееше македонското слободарско знаме. Никогаш, ама никогаш нашата крвава македонска историја да не го заборави денот кога Македонците од Егејска Македонија беа силум откорнати од своите вековни огништа. Грчките граници значително се прошируваат кон север со присвојување на егејскиот дел на Македонијаи почнува промената на етничката слика, посебно со законите коишто ги донесува тогашната грчка власт. Нема македонска историја без историјата на Егејска Македонија. Тоа е ткивото на македонската нација и на македонската историја“, зборуваше Кожинкова.
Пратеникот Иван Јорданов преку својот говор го честита празникот посочувајќи на сите досегашни 30 независни години, но и со апел за, како што рече тој, ова да биде потсетник за заедничко градење на иднината.
„Последните 30 години македонскиот народ едногласно одлучил да гради суверена, независна, самостојна Република Македонија со наша армија, војска, фудбалска репрезентација, наша валута со којашто и ден денешен се гордееме. Но во овие 30 години поминати доживеавме транзиција, економска криза, воени конфликти, надворешни влијанија, притисоци и домашни предавства, коишто не прават посилни да продолжиме да се бориме, да не се откажуваме за нашата заедничка татковина, Република Македонија“, истакна Јорданов.
За присутните настанов беше трогателен, но и за вечен спомен и паметење. Марија Димкова од Здружението „Мирка Гинова“ со особена сентименталност ни зборуваше за тоа како таа ја памети и како ја доживеала историјата.
„Многу големо. Посебно за мене која сум родена во егејскиот дел на Македонија и којашто сум на сосема друга страна. Многу значи ова за нас. Не само за Егејците, ова значи за сите Македонци. Ова е како Велигден, можам да кажам. Радосно го доживеавме, искрено да ви кажам. Кога Киро Глигоров застана пред светот и го најави тоа и ни честита, ние сите скокнавме од радост, сите бевме на нозе. Со тоа ние добивме македонско право да бидеме чисти Македонци. Многу беше значајно тоа за нас“, рече таа.
Настанот беше пропратен со положување цвеќе и песни со татковински мотиви.
Ребека Спасова МНет
