
Бројни конференции, дебати и дискусии за јакнење на социјалниот дијалог ќе се случуваат во наредните три дена во Штип. Најава за присувство на високи гости, претставници од разни сфери како најава за присуство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на четвртата по ред Текстилијада. Работничките права во време на корона е генералната тема на Здружението на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен Текстилец“ кои по четврти пат организира „Текстилијада“. Македонскиот Манчестер, центарот на текстилната дејност во државата длабоко е навлезен во здравствена и пред се економска криза. Оваа е само дел од констатацијата на претставниците на овој невладин сектор според кои во време на пандемија се случуваат нерегуларни отпуштања од работа и се евидентираат разни форми на кршење на работничките права во секторите кожарство, чевларство и особено во текстилниот сектор.
Строги санкции за секаков вид на дискриминација по однос на работниот ангажман на лицата во текстилната бранша како и јакнење на социјалниот дијалог на локално и национално ниво. Ова се темите кои ќе бидат третирани наредните три дена во Штип. Организаторите најавуваат и други бројни содржини.
Градот на текстилот ќе добие спомен обележје посветено на текстилните работнички, изработено од академскиот скулптор Андреј Митевски. Споменикот на трудоинтензивниот претставник од текстилната фела ќе најде место во паркот на Суитлак.
„Мали страшни приказни на големи хероини“ – збирка на лични стории на текстилни работнички, ќе биде промовирана утре. На утрешната дебата ќе се проговори на темата „Дискриминација без закон за дискриминација“. Учесниците во дискусијата ќе се обидат да одговорат на прашањето како да се изнајде заедничкиот социјален дијалог на локално ниво за време на пандемија?
Четвртото издание на Текстилијадата е поддржано од Олоф Палме Интернационален Центар, Шведската агенција за соработка, Општина Штип, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Фондацијата Отворено Општество Македонија.
Маре Стојилова М нет
Игор Зиврев М нет