Од општина без спорт до фудбал, борење и карате – општина Карбинци вложува во младите спортисти, клубовите бележат успеси

Општина Карбинци како мала рурална општина дава силна поддршка на спортот и развојот на истиот, покрај фудбалот односно фудбалскиот клуб Карбинци, во општината има и два активни боречки клубови, како и карате клуб кои редовно настапуваат на домашни и меѓународни натпреварувања и носат големи резултати.

Градоначаникот на општина Карбинци, Виктор Паунов, потенцираше дека општина дава поддршка на спортот.

„Боречките клубови Карбинци и Киро Ристов постојат веќе четири до пет години во општина Карбинци, условите за тренирање и за спортување општината целосно им ги овозможи без никаков надоместок за одржување на салата која што ја користат. Општината низ спонзорства и програма за спорт исто така ги спонзорира овие клубови и бележат одлични резултати, имаа учеството на Балканско првенство во Хрватска. Се работи за боречки клубови во кои учествуваат млади спортисти“, рече градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов.

Покрај настапите на овие два боречки клубови на домашни и меѓународни турнири, како и настапи во државните првенства, и општина Карбинци е домаќин и организира натпреварувања со меѓународен карактер.

Покрај фудбалот и борењето, во општина Карбинци е застапено и каратето, како и играорната.

Од општина која во минатото немала спорт, до општина во која се застапени неколку спортови, вели градоначалникот Паунов во гостувањето во Зум Анализа на М Нет телевизија.

„Овде се организира во Карбинци исто така натпреварување со меѓународен карактер. Имаме еден колорид од спортски активности, спортски клубови кои што нам ни даваат за право да се гордееме и да дека нешто успеавме. Од општина која што немаше спорт или во многу далечно минато имаше спорт во последните десеттина петнаесет години, немаше воопшто, успеавме да донесеме фудбал на достојно ниво, да донесеме два боречки клуба да функционираат и да се натпреваруваат, да не го заборавам и карате клубот Сенсеи во Карбинци. Имаме и играорна група која одлично функционира“, дополни Паунов.

Во општината функционира и фудбалскиот клуб Карбинци, кој е дел од Трета лига регион 3, а кој клуб пред неколку сезони се натпреваруваше и во Купот на Македонија, каде секогаш се претставуваше во одлично издание и беше добар домаќин, а на терен силите ги одмеруваше со прволигаши.

Паунов е задоволен од тоа како напредуваат во овие четири до пет години, потенцира дека секогаш може подобро, а за рурална општина како што е Карбинци, спортот е пример кој има приоритет да се развива.

Александар Ванев, М-Нет