Од денеска повторно започнува со работа кочанската фабрика за хартија Пејпар мил

Од денеска повторно започнува со работа кочанската фабрика за хартија Пејпар мил, откако еден месец истата беше затворена. Но во периодот од 26 јуни до 26 јули сите 109 вработени останаа на работа, добија целосно плати, информираат од фабриката. Кон крајот на август се очекува да се се извршат контролни мерења од страна на акредитирана лабораторија.

Во меѓувреме фабриката работеше на финализирање на унапредувањето на производствените процеси во насока на обезбедување на поголема енергетска ефикасност на самиот производствен процес, а со тоа и дополнително намалување на емисиите.

„Со цел драстично намалување на нивото на СО и негово доведување во граничните вредности, како и подобрување на перформансите на ложиштето на котелот за подобро согорување на горивото, Пејпар Мил инвестираше во дополнителни вентилатори и каналски систем со дифузери потпомогнати од фреквентни регулатори, направи детално чистење на котелот на биомаса, истовремено работејќи и на поставување на мерни и регулациони инструменти со кои се врши автоматска регулација и континуирано следење со нивото на емисии.“ – соопштија од фабриката .

Дополнително се изврши и подобрување на системот за одземање на цврстите честички од издувните гасови, односно подобрување на перформансите на вреќастиот филтер. Станува збор за вградување на модули и процесори со што ќе се подобри чистењето на вреќите, а со тоа и дополнително ќе се намалат цврстите честички во издувните гасови, кои секако веќе подолго време се значително под границите на дозволените вредности, додадоа од Пејпар мил.

Од невладината организација Одбор за здрав живот Кочани се надеваат дека фабриката ќе работи според стандарди и единствено што сакаат е да не се загадува воздухот во градот.

„Како прво добро е да работи секој правен субјект во Кочани, а како ќе работат не знам ќе видиме во следниот период.“ – кажа Тодоров.

Инаку, едномесечниот прекин на работењето беше одлука на раководството на фабриката откако Државниот инспекторат за животна средина издаде решение со кое го задолжи Пејпaр Мил да работи единствено на котел на природен гас до моментот на решавање на проблемот.

Лаура Стојанова М-Нет