
Јавното претпријатие Плачковица Карбинци за електрична енергија должи речиси 17 милиони денари. Меѓутоа, ова е долг кој е наследен од претходната власта вели градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов. Од склучениот договор на претходната власт со ЕВН долгот требало да се плаќа на 96 рати, од кои доспеани се 40, а платени само три.
„ЈП „Плачковица“ склучило спогодба со ЕВН Македонија во 2018 година по основ на долг за електрична енергија во износ од 13.150.000 денари. Значи, долгот за електрична енергија на јавното претпријатие до 2018 година изнесува 13.150.000 денари. Направиле спогодба на 96 рати, а една рата изнесува 136.000 денари. До ден денес тогашното раководство, претходното раководство на чело со СДСМ исплатиле не цели три рати. Со тоа до денес се доспеани 40 месечни рати со коишто целиот долг останува неплатен. До овој момент, 17.000.000 денари ЈП должи по основ на електрична енергија на ЕВН Македонија. Целиот износ е зголемен за околу 5.000.000 денари од 2018 до ден денес“, истакна Паунов.
Паунов истакна дека со намалување на репрезентациите и домаќинско работење, почнале да се плаќаат дел од ратите, ама дополнителен проблем ќе биде и покачената сметка за струја за месец јануари.
„Ние веќе трошоците ги намаливме по основ на горива на возилата, по осонов на недомаќински трошоци, како што се репрезентации и слично, така што веќе направивме едно подомаќинско водење на ред во јавното претпријатие. Следниов период ќе се потрудиме со само штедење да испорачаме, односно да створиме поголем прилив на средства за да можеме да ги раздолжуваме долговите. Факт е дека зголемената електрична енергија ќе ни биде дополнително отежнување со оглед на долговите кои ги наследивме и недомаќинското работење во минатото, но се надевам дека ќе успееме да раздолжуваме и тековно да ги обавуваме обврските коишто ни доспеваат“, додаде Паунов.
Останатите долгови на ова јавно претпријатие според Паунов се во нормални рамки. За долгот со електричната енергија тој најави дека ситуацијата ќе биде расчистена, а одговорност ќе се бара и ќе има, бидејќи претпријатието мора да биде ликвидно.
Лаура Стојанова М-Нет