Огромна трагедија, македонскиот ракомет во црно: Почина Александар Јовиќ

Македонскиот ракомет завиен во црно, утрово ненадејно почина Александар Јовиќ, дологодишен поранешен македонски репрезентативец и актуелен тренер на Пролет

Јовиќ е роден 1973 година, а тој остава голем белег врз македонскиот ракомет. Роден во Бјелина, Босна и Херцеговина, Јовиќ како ракометар настапуваше Јафа Промет од Ресен, Вардар, Пелистер и Металург, каде што ја заврши својата кариера, додека пак во странство настапуваше и за италијанска Болоња, Сплит од Хрватска, српски Апатин и за екипата на Слобода Тузла од БиХ.

Како тренер започна со тоа што му беше асистент на Лино Червар во Металург, а подоцна го водеше Металург 2, негов најголем успех беше титулата во македонското првенство со Еурофарм Пелистер со што битолскиот тим по 18 години ја освои титулата, а последно го водеше Пролет, каде вчера означи и старт на подготовките за пролетниот дел од сезоната.

Јовиќ, исто така беше дел од македонската репрезентација со настап на Светското првенство во 2009 и Европското првенство во 2012 година, а неговото име и презиме е испишано во златната генерација која испиша голем историски успех за македонскиот ракомет.

Со неговата ненадејна смрт, македонската спортска јавност е во голем шок, македонскиот ракомет загуби професионалец, но секогаш ќе остане како голем човек во ракометот.

Александар Ванев, М-Нет