
Третолигашот Овче Поле официјално ги започна подготовките за новата сезона 2026/27, а амбициите на клубот се јасно поставени – освојување на првото место во Третата македонска фудбалска лига – Исток и изборување бараж за пласман во Втората македонска фудбалска лига.
Првата прозивка се одржа денеска под водство на шефот на стручниот штаб Јорданчо Трендафилов, заедно со неговите соработници Тони Серафимов и Андреја Ефремов. На стартот на подготовките беа присутни поголемиот дел од фудбалерите, додека останатите ќе му се приклучат на тимот во наредните денови.
Во клубот истакнуваат дека костурот на екипата останува непроменет од минатата сезона, а тимот дополнително е засилен со неколку искусни и проверени играчи, како и со млади таленти кои ќе се борат за своето место во составот. Воедно, се очекува пристигнување на уште две до три засилувања, по што ќе биде комплетиран ростерот за есенскиот дел од шампионатот.
Нови членови на Овче Поле се Никола Стоиловски од Осогово, Метин Керими од Беласица, Андреј Славевски од младинскиот тим на Њу Старс, како и Стефан Антониев, Горјан Кочиев и Филип Митев, кои пристигнуваат од младинската школа на Брегалница Штип.
Во периодот што следува светиниколци ќе одиграат и неколку контролни натпревари, преку кои ќе ја темпираат формата и ќе се подготват за предизвиците што ги носи новата сезона, во која единствената цел е враќање на клубот чекор поблиску до второлигашкото друштво.