
И натаму продолжува борбата за тоа кои две од три екипи да обезбедат влез во Првата футсал лига за следната сезона. На врвот од табелата е ланскиот прволигаш Овче Поле, тимот од Свети Николе на своето конто има 43 бодови, а толку има и Балкан, но тимот од Скопје е на второто место на табелата.
Штипски Мал Ајакс кој речиси во текот на целата сезона беше на лидерското место се спушти сега на третото место со 42 бодови, само бод помалку од водечките Овче Поле и Балкан. Ваквата ситуацијата на врвот од табелата во Втората футсал лига прави да гледаме и очекуваме повеќе од неизвесна борба. Само за две екипи има место во елитата за следната сезона, а трката ја водат три екипи, една ќе мора да извиси.
22-тото коло може да биде решавачко бидејќи ќе се игра дербито меѓу Овче Поле и Балкан во Свети Николе. Победникот од овој дуел ќе биде лидер на табелата и практично ќе ги реши дилемите на патот кон Прва лига, па во такви околности поразениот тим ќе заврши на третото место, а Мал Ајакс ќе биде втор, ако штипјани не погрешат на претходните мечеви.
Со реми на двете екипи, Мал Ајакс ќе се врати на првото место, Овче Поле би бил втор, а пак Балкан трет. Но, да напоменеме ова е во рамки на 22. коло, а претходно на програмата ќе бидат натпреварите од 20-тото коло и 21-то коло, а потоа доаѓа дербито во Свети Николе.
Многу математики и комбинации, повеќе од јасно е сите три екипи сакаат влез во Првата футсал лига за следната сезона, а тоа нуди неизвесност можеби и до последното коло, но сигурно е дека дербито во Свети Николе ќе реши многу дилеми и ќе даде јасна слика.
Александар Ванев, М-Нет