Обиколница во Штип, улици во Карбинци – општините ќе добијат 250 милиони евра за развој

Општините ќе добијат 250 милиони евра од Централна власт за реализција на капитални проекти. Општина Штип ќе аплицира со проектот за продолжување на обиколницата од населба Железничка, преку Пребег до викенд населбата Плуждино. Градоначалникот, Иван Јорданов посочи дека овој проект е веќе завршен, а се изработуваат проекти за нов мост на река Брегалница, како и реставрација на тврдината Исар.

„Предвидено е да започне постапка за реализација на долгонајвуваниот проект за продолжување на обиколницата од населба Железничка преку Пребег до Плуждино. Станува збор за сообраќајница што ќе го поврзе едниот крај со другиот крај на град Штип, ќе овозможи и урбанизација.“ – вели Јорданов.

Општина Карбинци ќе аплицира со проекти во инфраструктурата. Со 13 милиони денари планирано е да се реконструира главната улица во село Таринци, со што ќе се подобри начинот на живот и движење на овдешните жители.

„Општина Карбинци во рамки на новонајавените финансиски средства од страна на Влада има подготвени техничка документација за неколку проекти. Она што ќе го аплицираме во текот на месец август се проекти во делот на патната инфраструктура, една главна улица во село Таринци во износ од 13 милиони денари. Очекувам дека овие средства ќе имаме можност да ги искористиме оваа година и навистина да можеме да направиме една разлика кога е во прашање грижата од централната власт“ – вели Паунов.

Инаку ребалансот на државниот Буџет треба да заврши до крајот на месецот, по што Министерството за Локална самоуправа ќе отвори јавен повик за општините да можат да учествуваат со предлог проекти на истиот. Министерот за Локална Самоуправа, Златко Перински порача градоначалниците навремено да ја завршат својата домашна задача и да учествуваат на јавниот повик.

Лаура Стојанова М-Нет