Ново зголемување на минималецот до март 2023 година најавува Ковачевски

Ново зголемувње на минималецот во првиот квартал од 2023 година најавува премиерот Ковачевски. Како што вели, станува збор за усогласување според новата методологија коешто економијата може да го издржи. И преку зголемувањето на просечната плата во државата, вели премиерот, се гледа дека трудот на работникот се цени многу повеќе од порано.

„Ние ќе имаме ново зголемување на минималната плата во првиот квартал идната година и тоа е согласно со методологијата којашто беше направена на самиот почеток на мандатот на оваа Влада, којашто јас ја предводам. Новата методологија предвидува дека минималната плата се услогласува 50% со зголемувањето на трошоците за живот и 50% со зголемувањето на просечната плата, што значи дека имаме елемент на зголемување на продуктивноста на трудот и сметам дека економијата може соодветно да одговори на ова зголемување на минималната плата. И при минатото зголемување на минималната плата не постоеше поголем проблем, бидејќи веќе платите во приватниот сектор се на повисоко ниво, особено во стручните позиции“, истакна Ковачевски.

Претходно и вицепремериот Битиќи најави дека минималната плата во март ќе изнесува 20.000 денари. Пресметките на ССМ, пак, се дека доколку истата се зголеми во моментов, би изнесувала 20.107 денари. Сумата е резултат на зголемувањето на трошоците за живот и порастот на просечната плата, кои изнесуваат 24,6 отсто. Согласно методологијата, од тоа се земаат 50% или 12,3 отсто.

„Усогласување на  минималната плата според Законот за минимална плата од оваа година се врши од 50 отсто од порастот на просечната плата која според нашите пресметки од јануари до ноември е зголемена за 10,3 проценти, па 50 отсто од порастот на просечната плата изнесува 5,15 проценти, како и 50 отсто на пораст на трошоци на живот кои спред последна објавена информација од НБРМ до минатиот месец изнесува 14,3 проценти или 50 отсто од порастот на трошоците за живот изнесуваат 7,15 проценти. Податоците се преземени од Државниот завод за статистика и НБРМ.“ – информираат од ССМ.

Со последното зголемување минимална плата во висина од 18.000 денари почна да се исплатува од месец април. Ова беше резултат на договорот што Владата го постигна со синдикатите и работодавачите.

Ребека Спасова М-Нет