Новитет во ракометната Суперлига на Македонија – освоените бодови ќе се пренесуваат во целост во плеј-офот односно плеј-аутот!

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет телевизија

Новата сезона во ракометната Суперлига во машка конкуренција може да донесе промени, а во насока на подигање на квалитетот.

И во следната сезона 2025/2026 ракометната елита на Македонија ќе брои 12 екипи и останува исто со тоа што првите шест ќе играат во плеј-офот, а останатите шест ќе бидат дел од плеј-аутот.

Во регуларниот дел од сезоната ќе се одиграа 22 кола, а потоа уште два круга во плеј-офот каде се разигрува за титула и излез во Европа, како и во плеј-аутот каде се разигрува за опстанок во Суперлигата.

Промена ќе има во делот на пренесување на бодови. Во претходната сезона првиот пренесуваше три бодови, вториот и третиот по два бодови, четвртиот и петиот по еден бод, а шестиот не пренесуваше бодови во плеј-офот, додека пак седмиот пренесува три бодови во плеј-аутот, осмиот и деветиот по два бодови, десетиот и единаесетиот ќе пренесат по еден бод, а последниот не пренесува бодови во плеј-аутот.

Пренесувањето на бодови сега ќе биде минато, а тоа значи промени за во иднина. По комплетирањето на регуларниот ден односно после одигрувањето на тие 22 кола, екипите ги пренесуваат бодовите кои ги освоиле во регуларниот дел во плеј-офот или во плеј-аутот во зависност како ќе завршат на табелата во регуларниот дел.

Наместо три, два, еден или нула бодови, сега екипите ќе ги пренесуваат бодовите во целост во втората фаза од натпреварувањето односно во плеј-аутот и плеј-офот.

На овој начин ќе има поголема конкуренција и бодовите ќе бидат многу важни уште во регуларниот дел на сезоната, бидејќи ќе им бидат важни во плеј-офот или плеј-аутот.

Останува да биде и официјално потврдено од Ракометната федерација на Македонија во пропозициите.

Александар Ванев, М-Нет