Нови тротоари и обнова на постоечките најавува градоначалникот на Штип, Иван Јорданов

Чисти и проодни тротоари ќе бидат приоритет на градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. Тој напомена дека по реакции од граѓани, она на што ќе се фокусираат е реконструкција на тротоарите во повеќето населби низ градот, меѓу кои Осми ноември, Автокоманда и Сењак, како и во централното градско подрачје. Тротоари ќе бидат поставени и на новоасфалтираните улици.

„Она коешто имавме можност да го увидиме изминатиот период е дека е неминовно реконструкција на поголем дел од тротоарските површини, нови тротоарски решенија со бекатон плочки ќе бидат поставени на сите улици коишто во меѓувреме ги асфалтиравме, но исто така и на сите други сообраќајни решенија каде што ќе има потреба. Тоа е она коешто како проект сакам да го најавам, а е потреба на нашите сограѓани во поглем дел од населбите кај коишто ја утврдивме оваа потреба и ќе ја реализираме во наредниот период“, напомена Јорданов.

Проблемите на граѓаните изискуваат нови тротоарски решенија, кои ќе бидат погодни за повеќето групи граѓани, меѓу кои и лицата со попречености. Тротоарите треба да се прилагодат и да бидат достапни за сите, истакна Јорданов.

„Во централното градско подрачје треба тротоарите да се прилагодат за да бидат достапни за повеќе категории на наши сограѓани. Имавме забелешка од неколку здруженија на инвалиди и лица со попречености коишто практично не можат да ги користат тротоарите заради одредени препреки коишто не дозволуват пристап на нив“, додаде тој.

За проблемот со паркираните возила на тротоарите, пак, тој додаде дека ќе се заострат контролите од паркинг редарите, но и упати апел до секторот за внатрешни работи да ги засили своите контроли.

„Тоа е една од потребите и барањата коишто секојдневно стигнуваат до нас, регулирањето на сообраќајниот проблем и регулирањето на паркирањето возила. Пред сѐ овде станува збор за подигање на свеста на сите учесници во сообраќајот, но исто така мораме да ги зачестиме и контролите од страна на радарите коишто работат на паркинг службата, но исто така во координација со МВР, кои треба да ги зачестат своите контроли“, потенцираше Јорданов.

Ова е една од активностите кои се најавени за периодот кога временските услови не се погодни за асфалтирање, односно активности кои почнуваат да се реализираат со завршувањето на градежната сезона.

Новопоставениот тротоар кај СРЦ „Брегалница“ е во должина од 1200 метри, за кој издовоени се еден милион и 300 илјади денари финансиски средства.

Ребека Спасова МНет