
Штипската Клиничка болница доби согласност за вработување 18 лица. Директорот, д-р Ален Георгијев, вели дека во моментов огласите се во тек, а изборот ќе се изврши во текот на наредната недела. Ова е втор оглас годинава за вработување во Клиничката болница, а кој треба да придонесе за решавање на проблемот со недостаток на медицински кадар.
„Значи, ние добивме одобрување за 18 вработувања. Во моментот огласите се во тек, добивме согласност за вработување пет доктори, пет болничари, пет хигиеничари и по еден парноложач, електричар и водоинсталатер. Очекувам на почетокот на наредната недела да го извршиме изборот“, вели Георгијев.
Проблемот со недостаток на кадар во Болницата и понатаму останува, зашто на почетокот на годината недостигаа над сто вработени, лекари, медицински сестри и технички персонал. Двата огласа значат нови 34 вработени лица, но и понатаму секој месец дел од вработените се пензионираат.
„Нормално дека со тек на времето како поминува се зголемува тој број, ние секој месец имаме луѓе коишто заминуваат во пензија, така што бројката се зголемува. Сега успеавме некако да го ублажиме тој недостаток и се надеваме дека другата година ќе добиеме повеќе вработувања, па ќе може да се стабилизираме“, додава Георгијев.
Двајца очни доктори, двајца анестезиолози и четворица доктори на Ортопедија. Токму ова се Одделенијата кој најмногу се соочуваат со недостаток на лекарски кадар. Технички персонал, вели Георгијев, недостасува секаде.
„Ние секогаш истото го кажуваме. Во моментот Одделот за анестезија, на Ортопедија и Одделот за очни болести се најкритични оддели коишто имаат најмалку лекарски кадар, а инаку помошно-техничкиот персонал и сестрите недостасуваат буквално на сите оддели“, заклучува Георгијев.
Георгијев истакна дека очекуваат од Фондот за здравствено осигурување да им се одобри и буџетот за 2024 година, а годинава имаат побарано буџетот на Клиничка болница-Штип да изнесува околу 690 милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет