Нова тартан подлога се поставува на спортското игралиште во Карбинци, целосно е завршено игралиштето во с. Радање

Нова тартан подлога добива спортското игралиште во село Карбинци. Активностите на терен започнаа денеска и се очекува да завршат во наредните неколку дена. Потоа игралиштето ќе биде целосно уредено и подготвено за претстојниот турнир во мал фудбал кој се одржува за празникот Спасовден. Во меѓувреме во село Радање целосно е завршено спортското игралиште кое започна да се работи изминатиот период.

„Се работи за поставување на гумена тартан подлога на повеќенаменското игралиште овде во Карбинци. Ова е во низа второ вакво игралиште во овој календарски месец. Она што го најавив пред две недели од прилика беше исто вакво игралиште во село Радање кое е денес комплетно завршено.“ – вели Паунов.

За двете спортски игралишта, во село Карбинци и село Радање, општината издвои околу 2,5 милиони денари. Како што посочи градоначалникот Паунов, се работи на подобрување на спортската инфраструктура и подобрување на условите за младите од овие населени места.

„Вкупната сума која Општина Карбинци ја издвои од сопствениот Буџет за овие два спортски терени изнесува 2,5 милиони денари. Ова е пред сѐ за поддршка на спортската инфраструктура, на младите“ – додава Паунов.

Освен турнирот во мал фудбал во Карбинци, општината ги завршува последните подготовки пред одбележување на својот патрон празник однонсо Спасовден. Оваа година е предвидена богата музичка програма како во Карбинци така и во село Таринци.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет