
Оние што трошат повеќе, ќе плаќаат повеќе. Ова го предвидува новиот тарифен модел за плаќање електрична енергија, според кој најголемите потрошувачи ќе плаќаат струја по пазарна цена. Според првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимовски, при новата пресметка ќе се внимава ранливите категории да бидат заштитени. Тој е оптимист дека цената на струјата на светските берзи ќе се стабилизира во следните две години.
„Блок тарифите ќе важат за сите граѓани во државата. Значи ако некој потрошил 3000 киловат часови, првиот, вториот и третиот блок ќе си ги добие по цени за прв, втор и трет блок. Нема да биде, ако е потрошувачката 3000 киловати на час, цела потрошувачка да се тарифира по целиот блок. Седумнаесет домаќинства трошат 30 проценти од хидропроизводството. Немаме против да трошат, колку сакаат ќе трошат, но тие домаќинства со енормна потрошувачка ќе плаќаат цена блиску до пазарната“, истакна Бислимовски.
Сепак, нов пораст на цената на струјата би значел и дополнителен удар врз џебот на граѓаните. Вака кочанчани ги оценуваат најавите дека можеби ќе треба да плаќаат поскапа струја. Дел од анкетираните сметаат и дека ова е оправдано, бидејќи и во другите земји се зголемува цената на електричната енергија, иако истите се поголеми производители на истата.
Инаку, последното поскапување на електричната енергија беше во јануари, кога истата се зголеми за 9,48 отсто. Беше укината и дневната евтина тарифа, која остана да важи само во недела и во ноќните часови. Сепак, Бислимовски уверува дека сега евтината тарифа нема да се менува. Новата корекција на цената ќе се направи следниот месец, а ќе важи од 1 јули.
Ребека Спасова М-Нет