Нов пораз за ракометарките на Астибо откако загубија од Вардар во Штип, „лавиците“ до нова победа, Чаир славеше над Металург Автокоманда

И во чевртата рунда екипата на Астибо доживеа пораз, откако на домашен терен загуби од Вардар со резултат од 20:33. Во мечот кој се играше во спортската сала „Тошо Арсов“ во Штип, Вардар дојде до првиот триумф во плеј-офот, а пак Астибо го впиша четвртиот пораз и останува единствениот тим во плеј-офот кој нема триумф, но нема ниту бодови.

На почетокот од мечот се играше гол за гол, а потоа вардарки направија серија кога при 4:7 започнаа да ја зголемуваат разликата, а на полувреме стигнаа до 8:17. Во вториот дел Астибо беше подобар, но по лошото прво полувреме, во вториот дел Вардар само го потврди триумфот со конечни 20:33.

Сосема очекувано искусната Марија Анчева беше најдобар стрелец во таборот на Астибо со девет реализации, воедно беше и најдобра на средбата, а кај Вардар се исканта Леона Миленковска со шест гола, а ја следеше јасмина Попова со пет.

Шампионот Ѓорче Петров не виде мака против Куманово и дојде до нов триумф, а со тоа сега е осамен на врвот од табелата. Натпреварот заврши со 28:19, откако Куманово немаше сили за цел меч, со добро прво полувреме кое заврши со 13:11.

Анастасија Николовска кај Ѓорче Петров беше најдобра со осум гола, а пак кај Куманово се истакна Сузана Зечевиќ со шест погодоци.

Во дербито на колото Чаир славеше против Металург Автокоманда со пресврт од 32:30, откако на полувреме гостинот имаше предност од 16:17.

Ниту 14-те погодоци на Марија Јанкуловска не беа доволни за триумф на Металург Автокоманда, а пак кај домашниот тим со осум гола се истакна Стефанија Ѓеоргиевска.

Ѓорче Петров е прв со девет бода, Чаир е втор со седум, а толку има и Металруг Автокоманда кој е трет. Вардар е четврти со три бодови, Куманово е петти со еден бод, а на дното односно шестти е Астибо без бодови.

Александар Ванев, М-Нет