Николовски: Проблемот во Овчеполието е решен и истиот е на ниво на менаџмент, организација

Работиме на проект за нов систем за наводнување и реконструкција на постоечкиот, вели министерот Николовски во врска со проблемот на земјоделците од Овчеполието. Тој е дециден дека проблемот е решен и целта е рационално користење на водата, но посочи дека работат и на трајни решенија со цел вода постојано да има и во овој дел.

„Калиманци, секако, е полна. Треба да се обезбеди вода за сите и она што се работеше овие неколку дека е како да стаса до Овче Поле. Ова се дневни проблеми коишто ги има насекаде и се на ниво на менаџмент. Проблемот е решен, треба да се прават сериозни планови за рационализација на водата сѐ со цел сите земјоделци да имаат пристап до вода. Ние, секако, работиме и на трајни решенија“, истакна Николовски.

Николовски е дециден дека проблемот е во одржувањето и организацијата на локално ниво. Во однос на тоа кога би имало нови системи за наводнување, Николовски посочува дека како Министерство навремено информираат.

„Не може да ги гледаме парцијално работите. Јас можам да зборувам за крупни инвестиции, нови системи за наводнување и таму работите се извесни. Ова се прашања коишто се од аспект на одржување и одговорноста е на локално ниво, тие планови да се прават и да се организираат, пристап на вода да имаат сите земјоделци. Секако дека за сите трајни решенија ние како Министерство информираме“, додава Николовски.

Земјоделците од Овчеполието вчера протестираа реагирајќи на проблемот за недостаток на вода, кој според нив се продлабочува секоја година.

Ребека Спасова М-Нет