
Преку интервентниот фонд Владата ќе ги надомести зголемените трошоци за домашното производство, истакна денеска Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, при посетата на оранжерии во кочанско. Тој посочи оти ваквите средби се со цел да се утврдат проблемите, но и да се слушнат понудените решенија во однос на истите, а со тоа да се заштити домашното производство и стандардот на граѓаните.
„Ги слушавме идеите и концептите. Секако, има многу теми за коишто треба да се разговара, многу предности коишто ги има во поглед на раноградинарството коишто не ги користиме, но секако дека ја покажуваме нашата подготвеност преку интервентниот фонд за сите домашни производители коишто произведуваат во оранжериско производство, коишто имаат зголемени трошоци во секој поглед, Владата да ги надомести, односно да ја надомести таа разлика помеѓу производната цена и онаа којашто е замрзната“, истакна Николовски.
Николовски од Кочани посочи и дека ќе се стави крај на сите злоупотреби, каков што е случајот со доставувањето лажни фактури за увоз на овошје и зеленчук до Царинската управа. Вели оти граѓаните не смеат да плаќаат вакви цени, а трговците не смеат да се богатат на грбот на граѓаните.
„Сакам да ја потврдам цврстата определба за ставање крај на сите злоупотреби коишто низ сите анализи, податоци, вклучувајќи ги и податоците коишто ги имаше Министерството, но и Царинската управа, се доаѓа до сериозни индикации за злоупотреби коишто се правени во поглед на увозот на одредени земјоделски производи. Јас верувам дека сите ќе потврдиме дека институциите треба да работат токму во тој правец на заштита на домашното производство и на елеминирање на сите можности за евентуални злоупотреби во секој еден поглед, па и во поглед на она што го констатиравме во делот на високите цени коишто се на берзите, но и на фактурите коишто ги има Царинската управа“, истакна Николовски.
Инаку, со замрзнувањето на цените на површина исплива тоа што увозниците прикажувале пониски фактури, а со тоа се создала погрешна слика за цената. Реалните фактури, пак, покажале зголемени увозни давачки и затоа се коригираа замрзнатите цени. Домашните производители, пак, реагираа дека замрзнатата цена ги „замрзнува“ и нив, а големите оранжерии ги принудува да стават клуч на врата.
Ребека Спасова М-Нет