
Оризопроизводителите од кочанско најавуваат нови протести, министерот Николовски со став дека никој ги нема зголемено субвенциите повеќе од оваа Влада. Имено, како што вели тој Владата со сите проблеми и маки во една од најтешките години има направено многу и од сè што може да прави, прави и повеќе.
„Ако некој ги зголемил субвенциите во делот на оризопроизводството, тоа е повторно оваа гарнитура. И тоа за трипати, за 300% зголемени субвенции имаат оризопроизводителите во овие години. Еве, и проширувањето на програмата со интервентниот фонд ќе ги опфати оризопроизводителите во делот на набавката на ѓубривото, каде што потребните ѓубрива ќе добијат дополнителна поддршка и субвенција. Дополнително, ја продолжуваме мерката од 3 денари за продадена арпа во преработувачките капацитети кај откупувачите која важеше минатата година. Оризопроизводителите на крајот на годината добија еден милион евра, околу 60 милиони денари преку ковид – пакетот преку Платежната агенција, што исто така е дополнителна поддршка за подготвеност да се влезе во производството“, истакна Николовски.
Како што додава министерот, Владата дава поддршка преку сите инструменти кои се на располагање, а се усогласува и со Европската Унија. Николовски потенцираше дека во следните седум години ИПАРД програмата ќе обезбеди 60% зголемен буџет како резултат на успешните политики и успешната искористеност на средствата во изминатиот период.
Меѓутоа, оризопроизводителите се со став дека производната цена на оризот е повисока од откупната, па бараат оризовата арпа да биде 40 денари. Барањата се да се обезбеди загарантирана откупна цена и ослободување од воден надоместок. На прашањето за цената Николовски праша по кој Закон во пазарна економија, а за ослободување од воден надоместок не даде конкретен одговор.
Ребека Спасова М-Нет